
Ако не мораш да пишуваш, тогаш немој. Фати се за тастатура само кога не се издржува, само ако погледот ти се стеснува како да патуваш со брзина на светлината и се фокусира на една точка.
Тоа се моментите кога друго ништо не е важно и ти се чини дека ако не типкаш, поради твоја вина Австралија ќе се откине од земјината топка и ќе се измешаат меридијаните. Клониран ѕвер ќе избега од некоја америчка лабораторија, А1 ќе пропадне пред задњата епизода на Шехерезад и Тибет ќе добие независност.
Го парафразирам Ферид Мухиќ (а и претерав во тоа) бидејќи вечерва едноставно морав да сложам неколку реченици за новиот албум на The National - High Violet.
("We'll live on coffee and flowers")
Голтајќи ги нивните претходни песни на Фејсбук напишав дека - да ги слушаш The National е исто како да шмукаш трошки од чоколадна торта врз голо стомаче. Нивната музика од секогаш ме потсетувала на микс од какао и од млеко, а песните се разликуваат единствено по концентрацијата на кафеавиот прашок и масноста на млекото.
А чоколадото е највкусно врз човечка кожа, онака стопено на 36,6 Целзиуси.
("You and your sister live in a lemon world")
Во соба каде што се слушаа овој американски бенд мириса на продавница за кафе во која се продаваат чоколадни бинбони и оние шарени лимени кутии во кои на времето се чувало шеќер и какао, а денес повеќе служат за украс.
Стиховите кои ги пее Мет се обични бесмислици, не кажуваат ништо како збир од зборови и не се обидувајте да му ги сфатите метафорите. Тоа е вистинска поезија чија цел е да ви го излие срцето во чоколаден прелив, а не да има смисла.
("We left the silver city 'cause all the silver girls gave us black dreams.")
Затоа, ако не мора да слушаш музика, тогаш и немој. Но, ако не се издржува тогаш нека биде The National - оти и така ретки се оние кои му оддолеале на чоколадото.
0 коментари:
Post a Comment