понеделник, февруари 07, 2011

Ромул, Рем и Волчицата

Си биле Ромул и Рем. И да бидеме јасни не зборувам за песот-пастув Рем Павловиќ по кого збеснаа сите кучки на една скопска кинолошка изложба, ами говорам за Рем - човекот којшто го основа вечниот град Рим и за неговиот брат близнак Ромул.

Се сеќавате оти овие двајца беа всушност деца на богот на војната Марс и беа фрлени во реката Тибар за да се удават и да им се сотре лозата. Ама кога некого мајка ќе го роди со среќа и со помош на митски светец, тој преживува без разлика дали ќе го фрлат во Вардар или во Вардариште. И така, двете братчиња, двете најмили чеда на локалниот бог пловеле по реката, жедни за мајчино млеко, и наместо водената струја да ги поклопи и да ги удави, таа ги исфрлила на брегот на место премногу слично на нашиот кеј на реката Вардар во близина на стадионот Филип Втори. Го пронашле спасот.

Таму директно од шипката, пардон од планината се симнала широкоградата Волчица со гради доволно полни со млеко и со љубов за да ги згрижи близначињата гладни за цицка. Двете мали главчиња рипнале, веднаш се испрчиле и со радост го пречекале виснатото виме на Волчицата и се нафрлиле да цицаат како да ќе нема утре. Штета што во тоа време не постоеле камери за да можат да ги овековечат нивните озарени лица и насмевката што ја истегнале од едното до другото уво и навистина ми е жал што вакво видео сега не може да се најде на интернет. Нејсе, оваа идилична сцена ја забележал локалниот пастир, кој во близина на истата река, неколку стотици метри подолу накај центарот на градот ги пасел овците.

Таму пастирот ги носел своите овци секоја последна среда во месецот, ги чувал веднаш покрај реката и ги ранел се додека не почнале да паѓаат во несвест, така што некои од нив морале да пијат и фервекс за да си дојдат на себе. Потоа пастирот ги зел при себе, во својата колиба каде што со скромната женичка ги израснал во големи момци-лидери, кои подоцна го создале градот Рим. Оти како што вели изреката - Рим не бил изграден во еден ден!

Значи, да не се разбереме погрешно, не зборувам за пастирот кому доајените на македонското новинарство му пишуваа хвалоспеви, туку чисто ја раскажувам приказната за Ромул и Рем. Така што во римската легенда двете братчиња ги наоѓа пастирот Фаустул и секоја сличност со ликови и со дејствија од нашето портокалово секојдневие се сосема случајни. Жими мајка! Сепак, никој нема да ве обвини ако во приказнава ја препознаете денешницава, во која рака на срце нашиот локален бог не е Марс, ама сосема сигурно се однесува како да паднал од истоимената планета или од некоја планета подалеку. И да ви кажам право ич не не’ шиша!

Како и да е, локалниот бог неделава мораше да се симне точно покрај реката Вардар на повикот од новинарите на А1, кои протестираа пред владата бидејќи судот им ги замрзна сметките. И што чувме? Тој не знаел, тој не чул и она што е најважното тој воопшто ништо не мислел. Тоа е луѓе мои дефиниција за бог - тој ништо не мисли, а ако и веруваме на максимата - мислам значи постојам, нашиот премиер воопшто не постои. Исто како господ, никаде го нема, ама ете некако се од него зависи. Ако убаво помнам во мое време оние што ништо не знаеја и притоа одбиваа да мислат повторуваа година, ама ете не било баш така и некои од нив станаа национални преродбеници.

Но, едно е сигурно, ако тој им ги замрзна сметките, новинарите од А1 поштено го смрзнаа на минус 10 во близина на мостот со кастрираните лавови. Се надевам оти тој си ја заштити машкоста на тие температури, оти третото дете е во прашање.

И кога веќе сме кај нашата најголема река, морам побогу уште еднаш да прашам што навистина ќе се гради од спротивната страна на импровизираното студио на А1 телевизија, на другиот брег од реката Вардар. Некои велат тоа ќе биде музеј, други викаат тоа да ти било црква, ама па не знам што се бунат и едните и другите. Во денешно време црквите и музеите се исти - згради полни со восок! Како и да е, идејниот творец на ова здание, Паско Пишман, пардон Кузман реши да ја прекине изградбата на објектот додека завладеал разумот. Е мој Паско, Паско, богами ќе се изначекаш!

Ама сфатете го Пишмана, по цели десет години ДУИ се качи на планина и прочитаа нешто што секако не беше комунике, ама ете потсети на тие денови.

0 коментари: