петок, август 19, 2011

Форест Гамп од наше маало

Омилен филм ми е Форест Гамп. Посебно оној дел кога малиот филмски херој долго време ќе се влече со протези на нозете, ама животот од корен ќе му се смени по една неволја.
Шетајќи се со Џени, единствената негова пријателка, ќе го нападнат група хулигани кои сакаат да го претепаат. Тогаш Џени го извикува легендарното ,трчај Форест, трчај, по што малиов веднаш фаќа шпринт како никогаш да немал проблем со нозете. И оттогаш тој ќе трча, ќе трча и ќе го претрча целиот свет.

Е, нашиов Форест Гамп вози точак на велосипедската патека покрај кејот на Вардар. Од Влада до Карпош 4 и по истиот пат назад и повторно на работа. Еден туш е доволен пред да продолжат состаноците, ќе рече еден колега опишувајќи го денот на нашиот Гамп. Правото име му е Никола, го викаат Коки, а од кога ми заличе на Форест ја си го викам Фоки.

Инаку, кога Форест од нашето маало бил дете му се случила слична приказна како онаа на вистинскиот лик од филмот. Си возел Фоки Македонски у свое мааало и тоа од Васил Ѓоргов до Бихачка 3, ама пошто бил несигурен шофер на понито му инсталирале помошни тркалца, да не речам протези (ете ја сличноста со Фоки америчкиот). Еден ден, во пресрет му дошла бандата на Бранковци и сакала да го смачка од ќутек, шо би се рекло по скопски, ама Фоки Трети д Грејт удрил на педаљите и багабонтиве можеле само да ја видат прашината зад неговиот грб и помошните тркалца кои се разлетале на сите страни. Исто како што му паднаа протезите на Форест Гамп.

Ете, оттогаш Бранковци редовно му гледаат во грбот, а тој како што заверглал со педалите ќе го освои светот, исто како Форест, ама нешто слично и како Воинот на коњ. Нашиот Форест на точак - или подобро кажано Фоки Македонски! Ама не е само велосипедот страста на нашиот јунак. Тој игра фудбал, баскет, пинг-понг, понекогаш ракомет, некогаш тенис - мада поретко и не бега од другите спортови. Осим од новинарскиот, ама тоа е друга приказна. Каратето и џиуџицу не му се познати, ама затоа Фоки наш се дружи со имењакот Коки Тодоров - мајсторот во борачки вештини, у слободно време министер од општа пракса.

Друга сличност со Форест е тоа што и нашиот кога вози, вози ама онака стварно многу брзо. Никој не го гледа, иако некој ќе го познае и ќе му мавне со раката. Ако некогаш патот ве води од Влада до Карпош 4 и обратно преку шетачката патека, ќе го познаете Фоки по тоа шо е двојно повеќе облечен од сите други велосипедисти. Врз маица носи шушкавац, а место бичиклистички турил адидас трењерка! Иако ќе си помислите оти Фоки наш топи сало, јас сум уверен дека нешто сосема друго е во прашање. Облечен е повеќе од потребното (што би рекол Хорхе) бидејќи се уште живее со мама. Преоблеченост - тоа е судбината на луѓето што не се одвоиле од мајчиниот дом, оти ја знаете онаа зезанција - дека децата носат џемпер само кога на мајките им е ладно. Се загрижила мама Фоки да не настине на плус 40 покрај Вардар!

Е, ако Форест Гамп слушал џез и блуз музика, нашиов на две тркала ужива во звукот, ама јас повеќе би рекол во ритамот на техно нотите. Брзо техно, уше побрза вожња у шушкавац и у адидас трењерка. Уствари тоа е и разликата меѓу Фоки наш и Чак Норис, Форест Гамп од наше маало се уште не успеал да ја убеди музиката него да го слуша, а не обратно. Како што е со сите други! И од кога го видов прилогот за Фоки на телевизија сфатив зошто сите за него мислат дека е човек без багаж, тоа ти било оти возел позајмен точак без багажник.

Вистинскиот Форест Гамп вели дека живтот е како кутија со бонбони, никогаш не знаеш што има внатре (и ќе се изненадиш кога ќе ја отвориш), а нашиве интернет-мајтапџии би рекле дека животот е навистина кутија бонбони оти никогаш не знаеш кога на отворање ќе ти дое Фоки наш Македонски.

0 коментари: